Интервју | Маја Наумовска Савеска, Халкбанк: Дигиталниот маркетинг е канал за градење вредности и поврзување со луѓето

Финансискиот сектор долго време беше поврзуван со конзервативност и формалност, но денес тоа се менува благодарение на новите очекувања на клиентите кои бараат повеќе од класичната услуга. Во Халкбанк, дигиталниот маркетинг не се гледа само како промотивен канал, туку како важен инструмент за создавање значајни кориснички искуства и градење доверба.  

Во интервјуто за Socialize, Маја Наумовска Савеска, директорка за корпоративни и маркетинг комуникации, зборува за современите трендови, значењето на креативноста во банкарскиот сектор и како преку иновации и човечки пристап Халкбанк ја зацврстува својата позиција на пазарот. 

1. Финансискиот сектор традиционално важеше за поконзервативен во однос на креативноста, но Халкбанк тоа успешно го менува. Како ја дефинирате улогата на дигиталниот маркетинг и дизајнот во градењето на современ банкарски бренд?

Финансискиот сектор навистина долго време беше перцепиран како поконзервативен, со фокус на сигурност, стабилност и формалност. Но, сега очекувањата на клиентите се значително променети, тие бараат повеќе од банка. Тие бараат човечки пристап, иновации, интеракција и релевантна комуникација преку дигиталните канали што ги користат секојдневно. Во тој контекст, улогата на дигиталниот маркетинг и дизајнот станува суштинска за градењето на еден современ банкарски бренд. 

Во Халкбанк, дигиталниот маркетинг не го гледаме само како алатка за промоција, туку како канал за градење вредности, поврзување со заедницата и креирање значајни кориснички искуства. Стремиме кон тоа комуникацијата со клиентите да биде не само визуелно привлечна, туку и персонализирана, едукативна и инспиративна. Дизајнот,  било да е тоа визуелен, функционален или кориснички, игра клучна улога во тоа нашите пораките да бидат јасни, блиски и разбирани од сите генерации. 

Преку современи кампањи, како и преку уникатни содржини на социјалните медиуми, Халкбанк успева да се издвои како бренд што е отворен, достапен и иновативен, а употребата на најразлични дигитални алатки го прави нашето присуство во дигиталниот простор не само функционално, туку и емоционално поврзано со корисниците. 

2. Кои се најзначајните маркетинг трендови за 2025 година според Вас и како ХалкБанк ги имплементира во својата стратегија? Дали македонските брендови може толку брзо да иновираат како што тоа го диктираат светските трендови? 

Маркетингот денес е поле што се менува со голема брзина, а 2025 година веќе носи неколку јасно изразени глобални трендови кои бараат брза адаптација и подготвеност за иновации. Еден од најзначајните трендови е хиперперсонализација, односно користењето на податоци за длабинско разбирање на однесувањето на потрошувачите и создавање персонализирани содржини и понуди. Преку нашите канали, Халкбанк веќе го применува овој тренд со таргетирани кампањи, сегментирана комуникација и оптимизирано клиентско искуство. 

Исто така меѓу трендовите е и интеграцијата на едукативен и забавен пристап бидејќи потрошувачите, особено младите, бараат содржина што е и информативна и  интерактивна. На пример, нашиот потдкаст „PenZy vs GenZy“, како и видеата со Халки и анимираните серии поврзани со финансиска писменост, се токму во таа насока на спој на едукација и креативен дигитален наратив. 

Еднакво важно ни е и да се водиме и како општествено одговорна банка. И иако одговорниот пристап на компаниите се смета за еден од трендовите, ние како банка го практикуваме како еден од основните принципи во комуникацијата. Сите проекти за заштита на животната средина, поддршка за жени претприемачи, поддршка на стартап заедницата, на културата, спортот, младите, уметноста…се клучен дел од нашата комуникација со општеството.  

Кратките видеа се уште еден тренд кој е практичен исто колку што е корисен. А вистинскиот предизвик тука за нас е да успееме да ги презентираме сите услови и бенефити за помалку од минута.  

На прашањето дали македонските брендови можат да следат светски трендови , одговорот е да, но преку прилагодување на глобалните трендови во рамки на локалниот контекст, култура и ресурси. 

3. На фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“, Халкбанк освои три награди – за дигитален дизајн, маркетинг видео и креативна кампања на социјални медиуми. Што значат овие признанија за вашиот тим и како ја одразуваат вашата маркетинг-филозофија? 

Освојувањето на три значајни награди на фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“ е големо признание за Халкбанк и силна потврда за нашата посветеност кон иновации, дигитална трансформација и креативност. Наградите за Дигитален дизајн на годината, Најдобро кратко маркетинг видео и Најкреативна кампања на социјални медиуми не се само резултат на успешни проекти, туку и одраз на нашата долгорочна стратегија и маркетинг-филозофија. 

Наградата за дигитален дизајн на годината ја добивме за мобилната апликација Halk EZ, развиена во соработка со Effectiva. Ова признание ни е особено драго бидејќи ја нагласува нашата посветеност кон развој на проекти и бренд комуникација преку креативни дизајни кои осткокнуваат од секојдневните, кои имаат навистина уметничка вредност и се создадени во функција на блиска комуникација со таргет публиката. 

Најдоброто кратко маркетинг видео е доделено за кампањата Fidesmo Pay, во која со креативна поддршка од актерот Сашко Коцев на иновативен и хумористичен начин го доближуваме концептот на иновативен начин на плаќање преку паметни уреди. Со ова видео сакавме да покажеме дека дигиталните решенија не мора да бидат комплицирани, туку напротив, може да бидат и забавни и лесни за користење. Позитивниот одзив со десетици илјади прегледи и стотици нови премиум корисници во рок од само еден месец, само ја потврди релевантноста на пристапот. 

Најкреативната кампања на социјални медиуми беше признание за нашиот Start-Up Package, кој го реализиравме во соработка со агенцијата McCann Skopje. Кампањата беше насочена кон млади претприемачи и стартап основачи, и преку свежа, динамична и визуелно привлечна комуникација ја пренесе пораката дека Халкбанк е вистински партнер во првите и најважни чекори на секој бизнис. Секоја содржина беше внимателно прилагодена на каналот, со јасна порака и фокус на реални предизвици на новите бизниси. 

Овие награди го зацврстуваат нашето убедување дека маркетингот во банкарството не мора да биде ограничен со класични формати и сериозен тон. Напротив, тој треба да биде жив, динамичен и храбар, токму онаков каков што се обидуваме да го градиме за нашиот бренд. 

Инаку, во маркетингот, најголемата награда секогаш е довербата и позитивните коментари на клиентите. Но ваквите професионални признанија се силен показател дека сме на вистинскиот пат и дека знаеме како да бидеме и релевантни и оригинални во еден динамичен и конкурентен медиумски простор. 

4. Кампањата „Start-Up Package“ освои награда за најкреативна кампања на социјалните медиуми. Што беше клучот за нејзиниот успех – идејата, формата или таргетирањето? Како се решивте на таков храбар потег комуникациски? 

Кампањата „Start-Up Package“ беше една од оние комуникации што уште од самиот почеток знаевме дека ќе биде различна, и по пристап, и по тон, и по енергија. Клучот за нејзиниот успех беше всушност спојот на неколку елементи: јасна и релевантна идеја, свежа и несекојдневна визуелна форма, и прецизно таргетирање на вистинската публика – младите претприемачи кои денес се многу повеќе од класични деловни луѓе, тие се визионери, креираат нови пазари, работат од co-working простори и размислуваат глобално. 

Основната идеја беше да покажеме дека Халкбанк е банка која ги разбира предизвиците на стартапите од првиот чекор, па сè до нивниот раст. Но, за да ја пренесеме оваа порака, решивме да го смениме традиционалниот пристап и да креираме комуникација која ќе биде и визуелно смела, и содржински блиска, и стилски инспирирана од стартап културата.  

Храбриот потег дојде токму од одлуката да зборуваме со стартап заедницата на нивен јазик, без стереотипи, без банкарски жаргон, туку со едноставни и искрени пораки. Нè инспирираа нивната храброст, иновациите и отвореноста кон нови решенија и сакавме и ние да покажеме иста таква храброст во комуникацијата. 

Кампањата постигна одличен ангажман на социјалните мрежи, и тоа не само преку бројки, туку и преку искрени реакции и интерес од целната група. Таа е уште една потврда дека автентичноста и доброто разбирање на публиката се најсилната алатка во секој современ маркетинг.

5. Каква улога игра општествената одговорност (CSR) во вашите кампањи и кои се најзначајните иницијативи во оваа област?  Како успевате да управувате со паралелни проекти и активности, а да се задржите на визијата и вредностите на брендот? 

За Халкбанк, општествената одговорност не е паралелна активност, туку суштински дел од тоа што сме како бренд. Нашата визија е да бидеме банка што расте заедно со заедницата – не само финансиски, туку и општествено, еколошки и културно. Токму затоа, ОО е интегрирана речиси во сите аспекти од нашите комуникации и маркетинг активности , не како обврска, туку како вредност што ја живееме. 

Нашиот пристап кон ОО вклучува поддршка од еколошки иницијативи, поддршка на младите и претприемачите, до проекти за финансиска едукација, инклузивност, поддршка за културата, спорттот и унапредување на заедницата.  

Наша најпрепознатлива иницијатива секако е онаа поврзана со зелената агенда која веќе со години ја реализираме преку нашата платформа ХалкЕко. Таа вклучува како поддршка на спортски настани и еколошки иницијативи, но уште повеќе наши конкретни активности кои вклучуваат инвестирање во сериозно зголемување на шумскиот фонд, организирање на еко спортски настан “ХалкЕко Вело Грин“, обнова на инфраструктура, како реновирањето на мостовите во Граскиот парк во Скопје, изградба на детски еко катчиња, еко автобуски постојки и многу други активности. Наша најамбициозна иницијатива во овој поглед е „Милион садници за пет години“ која ја започнавме лани и со која ќе дадеме навистина сериозен придонес во зголемувањето на шумскиот фонд во земјата. 

Од многубројните активности би ја споменала и поддршка за женско претприемништво каде преку медиумски проекти, видео-портрети и партнерства со здруженија, ги охрабруваме жените да започнат или прошират бизнис, нудејќи истовремено банкарски решенија и платформи за видливост. 

Што се однесува до управувањето со повеќе проекти истовремено, тоа навистина е предизвик, но клучот е во јасната стратегија и силните вредности на брендот кои ни се компас. 

Работиме преку силна интерна координација, доверба во партнерите и во тим кој има слобода да размислува креативно, но и одговорно. Сакаме да бидеме доследни  и во визуелниот стил, и во пораките, и во односот кон публиката. Токму затоа, и кога се случуваат паралелни активности, тие делуваат како дел од ист наратив на банка што е тука за доброто на поединецот, на заедницата и на околината. 

6. Со оглед на тоа што ја следите дигиталната трансформација одблиску – кои технологии, платформи или алатки сметате дека ќе имаат најголемо влијание врз комуникацијата во банкарството во наредниот период? 

Дигиталната трансформација не е веќе прашање на тоа дали е реалност, туку на тоа како брзо и во кој правец ќе е развива. Во банкарскиот сектор, комуникацијата станува сè поперсонализирана, контекстуална и интерактивна, а технологиите што го овозможуваат тоа играат клучна улога. 

Веруваме дека во наредниот период, најголемо влијание врз комуникацијата во банкарството ќе имаат неколку клучни алатки и платформи. 

Првата секако е ВИ генеративна вештачка интелигенција бидејќи веќе гледаме како вештачката интелигенција го трансформира корисничкото искуство преку chat ботови, автоматизирани препораки и персонализирани пораки. Но, тука е веќе и употребата на AI за креирање на адаптивни содржини и целосно динамични патувања на клиентите. 

Важни ќе бидат и омниканалните комуникациски платформи кои создавааат интегрирано искуство за клиентите. Денес корисниците не бараат само квалитетни производи или услуги, тие очекуваат целокупното искуство со брендот да биде едноставно, непречено и пријатно. Затоа, инвестициите во алатки што овозможуваат непречена, доследна и персонализирана комуникација на сите канали ќе бидат пресудни.  

Интерактивните визуелни содржини, од кратки видеа до анимирани инфографики и story-формати се исто така нужни. Банкарските пораки, кои традиционално беа текстуални и комплексни, ќе мора да се адаптираат на визуелен и мобилно-ориентиран јазик што е лесно разбирлив и привлечен, особено за Gen Z и милениумците. 

На крајот, и покрај сите алатки и технологии, сметаме дека најголемото влијание ќе го имаат луѓето зад комуникацијата и нивната способност да ја искористат технологијата за да создадат пораки што се човечки, искрени и поврзувачки. Нашата улога како маркетинг тим е токму во тоа да ги користиме дигиталните можности без да ја изгубиме човечката димензија на комуникацијата. 

Поврзани Новости

Презентација | Марина Трајковиќ, Coca-Cola Company: Како Coca-Cola го редефинира маркетингот со генеративна вештачка интелегенција

07.10.2025

Во време кога брендовите се натпреваруваат кој побрзо ќе впише „AI“ во својата стратегија, The Coca-Cola Company одамна го направи…
Прочитај повеќе

Презентација | Коста Петров, P World: Повеќе од трендови: Верувањето на вашиот бренд е се!

07.10.2025

Во свет каде што вниманието се брои во секунди, а трендовите траат колку еден swipe, највредната и најретката валута за…
Прочитај повеќе

Презентација | Марија Мешкова, Zenfluent: Креаторот како ceo – Не креираме содржина, градиме светови 

01.10.2025

Кога креативноста ќе се спои со визија, настанува нешто многу подлабоко од обична содржина, се гради свет. Токму оваа трансформација…
Прочитај повеќе

Презентација | Јасмин Алиќ, Linkedin Growth Expert: Психологијата зад linkedin објавите што навистина конвертираат 

30.09.2025

Во време кога дигиталната комуникација е пребрза, а вниманието сѐ пократко, умешноста да се напише нешто што ќе биде прочитано…
Прочитај повеќе