30.9.2025
Во време кога дигиталната комуникација е пребрза, а вниманието сѐ пократко, умешноста да се напише нешто што ќе биде прочитано и запомнето, станува клучна вредност. Јасмин Алиќ, еден од водечките светски гласови на LinkedIn, копирајтер со исклучителен кредибилитет и практичар со резултати што говорат сами за себе, се обрати како главен говорник на фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“ со предавање што прецизно ја постави содржината во центарот на дигиталниот авторитет. Наместо совети за алгоритамот, понуди перспектива за вредноста – и потсети зошто зборовите остануваат најсилниот алат во рацете на секој што сака да биде слушнат.
LinkedIn нема содржински проблем – има проблем со автентичноста
Алиќ директно ја адресираше суштинската слабост на платформата: недостиг на автентична, моќна и вредна содржина. Поголемиот дел од објавите на LinkedIn се генерализирани, безопасни и лесно заборавливи. Пазарот е презаситен од цитати, „претприемачки совети“ и измислени приказни – што создава огромна празнина помеѓу она што се објавува и она што за публиката навистина има вредност. Таа празнина, вели тој, е шанса за сите што знаат како да пишуваат со интегритет.
Виралноста е случајност. Влијанието е вештина.
Она што го издвојува Јасмин Алиќ од остатокот не се бројките – иако тие се импресивни – туку неговата методологија. Принципот е едноставен, но длабоко ефективен: „Don’t write to many. Write to one – as if they’re worth a million.“ Пишувањето не е масовна комуникација. Тоа е интимен акт на разбирање. Кога ќе ја прифатиш таа перспектива, содржината престанува да биде објава – и станува врска. Токму тоа е точката каде што зборовите престануваат да информираат и почнуваат да трансформираат.
Од „објава со reach“ до „глас со релевантност“
Алиќ ги охрабри маркетерите и брендовите да престанат да го користат LinkedIn како еднострана говорница. Наместо да праќаат пораки што никој не ги чита, треба да создаваат содржина што привлекува, не со трикови, туку со доверба. „Stop asking. Start attracting.“ беше пораката што го дефинира неговиот пристап. Да се биде следен денес не значи само да се биде видлив, туку да се биде препознаен како релевантен извор на вредност.
Систем, не инспирација – стратегија, не интуиција
Пишувањето со влијание не е случајност. Тоа е систем. Алиќ го подели својот framework базиран на hook & rehook динамика, моќта на првите три реда и психолошките тригери што задржуваат внимание. Преку практични примери и лични искуства, покажа како содржината може да се дизајнира така што читателот не само што ќе ја погледне – туку и ќе остане со неа. Тоа не е copywriting. Тоа е влијание преку стратегија. Алиќ ја сподели и својата омилена алатка „AuthoredUp“ која на професионалците им овозможува да го усовршат секој елемент од својот LinkedIn настап.
LinkedIn како најмоќниот медиум за бренд гласови во B2B светот
Завршната поента беше кристално јасна: LinkedIn повеќе не е платформа за професионални биографии, туку медиум што ги обликува лидерите на индустријата. За маркетери, бренд архитекти, комуникациски директори и content стратези – ова предавање беше сигнал за промена. Ако не го користите LinkedIn стратешки, го губите најмоќниот органски канал на денешницата. А ако не знаете како да пишувате, не може да очекувате некој да ве следи. Како што Алиќ рече: влијанието не почнува со reach, туку со збор.
07.10.2025
07.10.2025
01.10.2025
26.09.2025