Презентација | Никола Соколов, Influencers.club: Скалирање без инвестиции – Како го изградивме influencers.club до глобален бренд без VC пари

Во време кога стартап културата често значи трка по инвестиции, Никола Соколов од Influencers.club на фестивалот „Socialize 2025“ понуди целосно поинаква перспектива. Како да се изгради глобален бренд без да се земе ни цент од инвеститори? Неговиот пристап? Храброст, фокус и добро темпирани „облози“ со минимални ресурси.

Од ништо, до нешто скалабилно

Соколов откри дека првите приходи доаѓале дури пред да постои производот, со cold outreach и предпродажба на пристап до податоци што уште не биле креирани. Клиентите добивале Google Sheets, а тимот преку ноќ ја градеше технологијата. Секој долар беше инвестиција во следниот чекор, а секој чекор, внимателно избрана стратегија.

Од податоци до економија на креатори на содржина

Следната етапа била ориентација кон инфлуенсер маркетинг индустријата. Со повисоки цени, фокус на креатори и lead generation преку бесплатни алатки, Influencers.club се позиционираше како играч што нуди вредност преку податоци и персонализирани извештаи. Важна алка во успехот: градење кредибилитет преку LinkedIn и директна комуникација со пазарот.

Од услуга кон платформа

Третата „облога“ била трансформацијата во агенциски модел, но сегашната визија оди подалеку: SaaS платформа за откривање инфлуенсери, со автоматизирано пребарување, API решенија и интеграции со маркетинг екосистемот. „Изградивме нешто што скалира без да го загуби карактерот,“ рече Соколов.

Кога секоја инвестиција е твоја лична

На сцената на Socialize 2025, Соколов им покажа на маркетинг професионалците дека нема потреба од милиони за да се изгради нешто големо, потребни се визија, дисциплина и спремност да се оди all-in. И, се разбира, малку смелост да се направи првиот чекор… дури и ако имаш само Google Sheet.

Презентација | Каидо Кук, Иуте Естонија: BNPL – Од иновација до моќна бизнис алатка

Кога ќе се спомне „Buy Now, Pay Later“ (BNPL), повеќето помислуваат на банкарски модел. Но презентацијата на Каидо Кук, раководител на одделот за кредити за дилери во Иуте Естонија, на фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“ го истакна вистинското значење на BNPL како многу повеќе од финансиска услуга. Тоа е клучна алатка за раст, маркетинг акцелератор и генератор на лојалност, која веќе не е само иновација, туку важен бизнис мотор што го менува дигиталниот шопинг во Југоисточна Европа, вклучително и во Македонија.

Раст што не може да се игнорира

Глобалниот пазар на BNPL услуги порасна за 380% во последните четири години и се очекува да достигне 576 милијарди долари до 2025 година. Во Македонија, Иуте забележа импресивен пораст од 291% за само една година. Конкретните резултати што ги истакна Кук се импресивни: просечната вредност на кошничката е четирипати повисока во однос на плаќање при достава, продажбите се зголемени за 30%, а бројот на неодлучни купувачи и повратници се намалува, јасен сигнал за секој е-ком бренд.

Ново купувачко искуство

Иуте не нуди само финансиски производ, туку целосно ново купувачко искуство преку MyIute апликацијата, со автоматизирана кредитна одлука, безхартиено потпишување и инстант одобрување. BNPL станува брз, достапен и доверлив начин на плаќање, лесно интегриран во физички продавници и популарни е-ком платформи како WooCommerce, PrestaShop и OpenCart. Со ова, секој бизнис може да ја искористи предноста на оваа моќна алатка.

Од нов корисник до лојален купувач

Она што го прави Иуте посебен партнер е не само технологијата, туку и богатата комуникациска мрежа со над 110.000 SMS и Viber пораки, 73.000 е-пораки и 40.000 активни корисници на MyIute. Кампањи како „Iute e-Shopping Week“ дополнително ги претвораат новите корисници во лојални купувачи, покажувајќи дека BNPL е многу повеќе од начин на плаќање, тоа е нов канал за продажба, сегашноста која веќе продава.

Презентација | Д-р Ирена Богоевска Гаврилова, Економски факултет при УКИМ: Маркетинг преку инфлуенсерите – Како инфлуенсерите влијаат врз зголемување на продажбата

Дали допадливоста продава? Според д-р Ирена Богоевска Гаврилова, одговорот е силно „да“. На фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“, таа ја презентираше својата анализа за тоа како кредибилитетот на инфлуенсерите директно влијае врз довербата, а преку неа и врз продажбата. Во време кога довербата е највредната валута на интернетот, влијателните личности не само што градат брендови, туку и трансакции.

Повеќе од следбеници, се мери влијанието
Истражувањето претставено од Богоевска Гаврилова открива дека дури 90% од маркетерите го сметаат инфлуенсер маркетингот за ефективен. Но не секој инфлуенсер е роден еднакво. Допадливоста и автентичноста се клучни влијателните личности кои изгледаат искрено и комуницираат транспарентно, добиваат поголема доверба од публиката, што пак води до повисока намера за купување.

Instagram води, но довербата е крал
Иако Instagram останува водечка платформа со доминантно присуство на Gen Z, клучниот заклучок е дека платформата сама по себе не гради доверба. Она што продава не е каде, туку како и кој. Инфлуенсерите што се допадливи и атрактивни имаат многу поголем кредибилитет од оние што имаат формални експертизи, покажува анализата.

Довербата продава
Без разлика дали се работи за информативна содржина, забавни видеа или наградни игри – довербата е мостот што ги поврзува инфлуенсерите со потрошувачите. Како што истакна д-р Богоевска-Гаврилова на сцената на Socialize 2025: „Следбениците не бараат диплома, бараат искреност. Брендовите што го разбираат ова, не само што ќе градат заедница, туку и ќе зголемуваат продажба.“

Презентација | Дарко Ефремов, SupportKocani.com: Од желба да се помогне до платформа за донации во милиони за 2 часа

Кога веста за трагедијата во Кочани го обиколи регионот, емоциите беа силни, но уште посилна беше одлуката на една група млади луѓе да делуваат. Наместо тага, избраа акција. За само два часа, од срце и со помош на технологија, тие ја креираа SupportKocani.com, веб платформа што стана симбол на солидарност и дигитална мобилизација. Во рамките на фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“, Дарко Ефремов ја раскажа приказната која стои зад бројките што зборуваат: 20+ милиони денари донации, 400.000 уникатни посетители, 126 земји.

Од итна потреба до user friendly платформа

Прескокнувајќи бирократски процедури и комплексни системи, тимот изгради директно, едноставно и транспарентно решение. Преку AI генериран шаблон, веб страницата беше лансирана во рекордно време, овозможувајќи јавен увид во донациите и персонализирани информации за секоја жртва. Корисничкото искуство беше водено од емпатија, јасно, интуитивно и мобилно-оптимизирано.

Кога бројките раскажуваат приказна со човечко лице

Со 6.000+ процесирани донации, поддршка од глобална публика и стотици илјади интеракции, платформата стана дигитален пример за мобилизирана солидарност. Во суштина, тоа е студија на случај за тоа како брендовите (или заедниците) можат да изградат доверба преку транспарентност, автентичност и брза акција, вредности кои сè повеќе го дефинираат современиот маркетинг.

Брзина, доверба и импакт се рецептот на новата ера

Она што го слушнавме од Дарко Ефремов не беше само tech success story, туку потсетник дека технологијата добива вистинска вредност кога е во служба на заедницата. SupportKocani.com е повеќе од платформа, тоа е лекција за сите нас во маркетингот: дека вистинските приказни, искрено испорачани, се најсилната алатка за поврзување со публиката.

Презентација | Един Халиловиќ, Lilium: Performance Advertising – Остварување мерливи резултати

Во ера каде маркетинг буџетите се под лупа, а секој клик треба да води до конверзија, Един Халиловиќ од агенцијата Lilium на фестивалот „Socialize 2025“ го претстави најпрактичниот пристап до дигитална ефективност: performance advertising. Со студија на случај каде брендот Planika.ba оствари 21:1 ROAS, Халиловиќ покажа како со прецизна стратегија и паметна употреба на технологија се постигнуваат резултати што се мерат, не претпоставуваат.

Кога бројките зборуваат погласно од креативата
Клучните KPI индикатори: CPA, ROAS, CVR и CLTV, беа во фокусот на презентацијата, со акцент на нивното следење и оптимизирање. Халиловиќ демонстрираше како се дефинира јасна цел, се избира соодветна платформа, се користи A/B тестирање и се имплементира тракинг што не остава простор за „гатање“.

AI: Од автоматизација до иновација
Презентацијата ја истакна клучната улога на вештачката интелигенција во performance кампањите, од smart bidding до автоматизирано креирање на огласи, па сè до превенција од click fraud. Со AI, кампањите не само што се поефикасни, туку и поинтелигентни.

Performance е менталитет, не само техника
Најсилната порака што ја испрати Халиловиќ? Performance advertising не е тренд, туку дисциплина што бара стратегиско размислување, постојано тестирање и фокус на вредноста за клиентот. Или како што тој рече на сцената на Socialize 2025: „Во маркетингот денес, секој потрошен денар мора да врати резултат, и тоа мерлив.“

Презентација | Теона Сима, The Language Blondie: 15 работи што ги научив од The Language Blondie

Во маркетинг светот преполн со шаблони и бројки, Теона Сима, позната како The Language Blondie, на фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“ донесе нешто различно: автентичност. Не како buzzword, туку како стратегија што гради публика и доверба. Преку нејзините 15 лични и професионални лекции, таа ја раскажа приказната на креатор кој расте не затоа што следи алгоритми, туку затоа што останува своја.

Алгоритамот сака интересни видеа, ама луѓето сакаат вистина

„И најубавата, највкусна крушка на светот нема да им се допадне на сите,“ вели Теона. Оваа метафора стана симбол за нејзината филозофија: градење личен бренд не значи да угодиш на секого, туку да создадеш содржина што е искрена, забавна и твоја. Таа не зборува за „контент стратегија“, туку за емоции, контекст и присутност, работи што алгоритмите ги наградуваат, но само кога се реални.

Забавата е најдобрата стратегија

Можеби звучи неозбилно, но токму ова беше една од најсилните пораки: кога креаторот ужива во процесот, тоа се пренесува и на публиката. Според Теона, „прави го за себе“ не е себичен совет, туку темел за долгорочна конзистентност. Брендовите што создаваат содржина од чувство на обврска, ретко градат заедница. Тие што создаваат од ентузијазам, ретко остануваат незабележани.

Биди своја. Биди реална. И не стреми кон совршенство

Во свет полн со совети и „оптимизирани“ содржини, The Language Blondie потсетува дека понекогаш највпечатливата стратегија е едноставно да бидеш човек. Да не се грижиш за совршен резултат. Да прифатиш дека нема да ги задоволиш сите. И дека токму тоа е супермоќта. На крај, како што Руми вели: „Штом ќе зачекориш на патот, патот се појавува.“

Презентација | Никола Велковски, HeyReach: Хајпер раст во SaaS: од $0 до $4.7M ARR за 21 месец

Во индустрија каде што повеќето SaaS компании се борат да опстанат, HeyReach ја постигна најбрзата стапка на раст во Европа меѓу sales tech стартапите, и тоа со над 62% профитабилност. На фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“, Никола Велковски, ко-основач и извршен директор на HeyReach, го раскажа вистинското лице на „hyper-growth“ патувањето: од идеја до продукт што го сака пазарот, без надворешно финансирање, со 1800 клиенти и 12x годишен раст.

Патот до продукт-пазар фит: 597 демо повици и една вистинска одлука

„Кога немате product-market fit, ништо не функционира. Кога ќе го погодите сè почнува да лета.“ Ова беше суштината на приказната што Велковски ја сподели со публиката. HeyReach ја започна својата мисија со нула приходи, одбиени од сите инвеститори, на чекор од банкрот. Но наместо да се фокусираат на скалирање, тимот се фокусираше на суштинското, да изградат производ што корисниците навистина го сакаат. Со 597 демо повици, радикална промена на понудата и стратегиско позиционирање како софтвер „создаден за агенции“, тимот успеа да ја отклучи златната врата – PMF.

LinkedIn, интеграции и содржина: нула буџет, максимален ефект

HeyReach не растел со реклами, туку со паметна содржина, community ефект и органско присуство на клучните канали. Велковски го нагласи значењето на креаторите на содржина, personal branding на основачите, и стратегиските партнерства како клучни двигатели на растот од $1M до $5M+ ARR. Интеграции со алатки како Clay и специфични функционалности (API, webhooks, whitelabel) создадоа buzz што го направи брендот незаобиколен на LinkedIn.

Растот е секси, но деталите ја прават разликата

Велковски беше искрен и конкретен: „Тимот е сè. CX е сè.“ Без micromanagement, но со екстремна транспарентност, високи очекувања и постојана комуникација, HeyReach изгради култура што оди побрзо од пазарот. И покрај импресивниот раст, тимот веќе ги адресира идните предизвици: подобрување на onboarding-от, справување со ограничениот TAM и менување на ICP – без да се изгуби суштината на брендот.

Презентација | Ивана Томовиќ и Марко Анѓелковиќ, SmartPoint: TikTok мастерклас – уникатен рецепт за вирални тикток видеа што досега сигурно не сте го виделе

Во време кога секој бренд се обидува да биде „вирален“, TikTok бара многу повеќе од случајна инспирација и среќна околност. Бара разбирање на платформата, познавање на публиката и методологија што ги спојува креативноста и податоците. Токму тоа го донесе TikTok мастер-класот на Ивана Томовиќ и Марко Анѓелковиќ од агенцијата SmartPoint, претставен на фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“ практичен и детално структуриран пристап до TikTok стратегија што функционира во реални услови и за реални брендови.

Содржина што не се скрола, туку се споделува
Нивниот пристап е јасен: виралноста не е хаос, туку процес. Со три главни формати: скеч, интервју и тема, и прецизни production & distribution тактики, Томовиќ и Анѓелковиќ покажаа како едно видео може да достигне милионски reach без ниту едно евро инвестирано во буст. Примери со преку 3.5 милиони прегледи се потврда дека публиката сака искрен, забавен и социјално релевантен контент.

Платено или органско? Дигиталниот маркетинг повеќе не бира страна
TikTok не е само „Gen Z алатка“, туку performance платформа која со буџет од само 500 евра месечно може да генерира 1.5 милиони прегледи. И тоа без губење на кредибилитетот или креативниот импакт. Според презентерите, клучот е во правилна комбинација на органски reach и прецизно таргетирани Ads, стратегија која годишно носи до 17 милиони видеопрегледи за брендовите што знаат што прават.

Маркетинг што не се обидува да биде модерен, туку релевантен
Настапот на SmartPoint на Socialize беше повеќе од презентација, тоа беше повик до целата индустрија: време е TikTok да се третира како сериозен дел од маркетинг-миксот, не како експеримент. Во ера на алгоритми, брендовите што ги разбираат луѓето ќе останат релевантни. А TikTok, кога се користи паметно, не е само канал, туку најбрзо растечка арена за влијание.